АВИОКОМПАНИИТЕ МАСОВНО ОТКАЖУВААТ ЛЕТОВИ - конфликтот на Блискиот Исток удира се посилно врз авионскиот превоз
Глобалниот воздушен сообраќај останува сериозно нарушен откако војната во Иран ги затвори клучните центри на Блискиот Исток, вклучувајќи ги Дубаи, Доха и Абу Даби, оставајќи десетици илјади патници блокирани.
Најголемите европски и светски авиокомпании објавија серија суспензии и одложувања, кои се движат од неколку недели до есен. Грчкиот национален авиопревозник ги откажа летовите до Тел Авив, Бејрут и Аман до 22 април, додека линиите до Ербил и Багдад се суспендирани до крајот на мај, објави Ројтерс.
Ер Франс и КЛМ ги суспендираа летовите до Тел Авив, Бејрут, Дубаи и Ријад до крајот на март, додека КЛМ ја продолжи суспензијата на летовите до Тел Авив до крајот на зимската сезона.
Ер Канада ги откажа сите летови до Тел Авив до 2 мај и до Дубаи до 28 март. Ер Европа ги прекина летовите до Тел Авив до 10 април, додека Ел Ал, националниот авиопревозник на Израел, ги откажа закажаните летови до 21 март.
Авиокомпаниите на ОАЕ, Емирати и Етихад, работат со намален распоред, додека саудиската авиокомпанија Флајнас го продолжи прекинот на летовите до Дубаи, Абу Даби, Доха и други регионални дестинации до крајот на март.
Бритиш ервејс ги откажа сите летови до Абу Даби до крајот на годината, а до Аман, Бахреин, Доха, Дубаи и Тел Авив до крајот на март.
Полската авиокомпанија ЛОТ ги откажа летовите до Дубаи до 28 март, до Тел Авив до 18 април и до Бејрут од крајот на март до крајот на април. Групацијата „Луфтханза“, која ги вклучува „Аустриан ерлајнс“, „Свис“ и „Бруселс ерлајнс“, ги суспендираше летовите до Тел Авив до 2 април, а до Бејрут, Дубаи, Аман, Ербил и Абу Даби до 28 март. Летовите до Техеран се суспендирани до 30 април.
Азиските превозници исто така доживуваат значителни прекини. „Џапан ерлајнс“ ги суспендираше услугите на линијата Токио-Доха до почетокот на април, додека „Малезија ерлајнс“ ги суспендираше сите летови до Доха до 20 март.
„Пегасус ерлајнс“ ги откажа летовите до Иран, Ирак, Аман, Бејрут, Кувајт, Бахреин, Доха, Дубаи и Абу Даби до 12 април, додека „Виз ер“ ги суспендираше летовите до Израел до крајот на март, а до Дубаи, Абу Даби, Аман и Џеда до средината на септември.
„Катар ервејс“ привремено го суспендираше својот редовен распоред поради затворањето на катарскиот воздушен простор, најавувајќи ограничен број летови помеѓу 18 и 28 март. „Туркиш ерлајнс“ ги откажа летовите до Ирак, Сирија, Либан, Јордан, Доха, Дубаи, Абу Даби, Кувајт, Бахреин и Дамам до 19 март, а до Иран до 20 март.
