Аргентина станува „ветена земја“ за Русите – дали е можно трајно да останат таму?
Дел од Русите кои не сакаа да војуваат во Украина, но и оние кои ја осудиле инвазијата на социјалните мрежи поради што се во ризик да им се суди, се преселија во Аргентина и тој процес не запира. Има и други руски граѓани кои според објавите на социјалните мрежи, резервирале авионски билети и планираат наскоро да oтпатуваат во Аргентина. Некои од руските блогери објавуваат видеа во кои ги советуваат своите сонародници како да се преселат во Аргентина и што да очекуваат.
Според податоците на Националната дирекција за миграција, од јануари 2022 година до февруари 2023 година, повеќе од 23.000 руски државјани влегле во земјата. Ако се спореди јануари 2022 година со 2023 година, бројот на Руси кои пристигнале се зголемил за четирипати.
Според пишувањата на тамошните медиуми, аргентинскиот пасош им овозможува на имигрантите слободно да се движат низ светот, за разлика од сè поизолираниот руски пасош. Децата на руските имигранти кои се родени во јужноамериканската земја веднаш добиваат аргентинско државјанство. Русите ги запишале своите деца во аргентинските училишта, а некои од нив за медиумите раскажале дека сакаат да останат да живеат во Аргентина.
Грасиела Карфт, социолог од Колеџот за социолози на Сантијаго дел Естеро – Аргентина за Фактор вели дека со оглед на инфлацијата која е над 100 отсто, ако Русите најдат легално вработување, тоа ќе се смета за награда во овие околности. Објаснува дека кириите за домашното население не се скапи, но тоа не важи за странците. Во главниот град Буенос Аирес надежта за наоѓање на каква било работа е поголема за разлика од малите места.
„Нашите закони се суштинска помош за Русите. Тие лесно можат да влезат, исто така според информациите кои кружат во медиумите, има локална организација која делува како врска со овие луѓе. Јазикот не е пречка, a платите зависат од местото. Генерално во провинција работниците се помалку платени отколку во главниот град. Русите за кои се зборува, особено бремените жени кои пристигнуваат се населуваат во главниот град, а имаат слободен пристап до здравствениот систем“, рече Крафт.
Во групи на социјалните мрежи Русите се распрашуваат за купување на имот во Аргентина, но и за трансфер на пари од Русија. Прашавме неколку Руси, да објаснат зошто ја избрале баш Аргентина за место каде сакаат да продолжат да живеат, но тие не сакаа да зборуваат, а една од нашите соговорнички кажа дека ќе ја раскаже својата приказна, но само доколку добие солиден паричен надомест. Инаку, во групите на социјалните мрежи, работодавачите од Аргентина бараат луѓе за работа во бутици, маркети, казина. Сиромаштијата во оваа држава се зголеми на 39,2 отсто во втората половина на 2022 година. Просечната плата во Аргентина е 427,82 американски долари месечно. Аргентинската се смета за трета економија во Латинска Америка.
Сања Атанасовскаfoto Wikipedia/jennifrog
