Антонио Тајани: Макрон треба да ја стабилизира Франција
Претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани изјави денеска дека според него главниот предизвик за новиот претседател на Франција, Емануел Макрон е потребата од политичка стабилизација на земјата, пренесоа агенциите.
„Макрон е исправен пред предизвик - тој треба да ја стабилизира Франција. Наскоро претстојат избори за Националното собрание и освојувањето на проевропското мнозинство има огромно значење"- рече Тајани во интервју за германската медиумска група „Функе".
Според него движењето на Макрон „Напред" мора да најде допирни точки со класичните партии во Франција. Тајани вели дека е важно Макрон да ја подобри соработката со германската канцеларка Ангела Меркел.
„Ангела Меркел е важен лидер во Европа. Соработката на Макрон со Меркел ќе има многу големо значење"- изјави Тајани.
Додава дека во процесот, исто така, би требало да бидат вклучени Италија и Шпанија. По Брегзит овие земји се вонредно важни кога станува збор за стабилноста и подобра иднина на Европа.
Тајани изјави дека веќе ја поканил Макрон да се обрати пред ЕП. Според него, тоа може да се случи во јуни. Тајани вели дека победата на Макрон е „почетокот на крајот" за десничарските политички сили.
