АНКАРА ЈА ЧЕКА ТЕШКА ОДЛУКА: Taлибанците бараат тие да го управуваат аеродромот во Кабул
Анкара е на потег, откако Талибанците побарале помош од Турција за управување со аеродромот во aвганистанскиот главен град Кабул.
Еден од официјалните лица изјавил дека Анкара ја чека тешка одлука дали да ја прифати оваа работа, објави „Ројтерс“. Оваа земја беше дел од мисијата на НАТО во Авганистан и се уште има стотици војници на аеродромот во Кабул. Aрмијата е подготвена да се повлече во краток рок. Владата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со месеци тврдеше дека може да го задржи присуството на аеродромот ако тоа се побара од неа.
Друг турски официјален претставник објасни дека одржувањето на аеродромот отворен откако странските сили ќе ја предадат контролата е од витално значење не само за да се задржи Авганистан поврзан со светот, туку „и за одржување на размената на набавки и помош“.
Портпаролот на Талибанците, Забидула Муџахид вчера изјави дека сакаат добри односи со Турција, турската влада и турската нација.
Околу 19.000 луѓе беа евакуирани од Кабул во вторникот, а вкупно 82.300 од 14 август, соопшти Белата куќа, во услови кога меѓународната заедница се обидува да извлече што е можно повеќе луѓе од Авганистан до 31 август. Од 15 август, Кабул е под контрола на Талибанците.
