Ангела Меркел ги повика младите да мислат на своите баба и дедовци
Ние сме на пресвртна точка во одлуката каде ќе биде Германија кога е во прашање пандемијата на коронавирусот во текот на есента и зимата, рече германската канцеларка Aнгела Меркел по разговорите со градоначалниците.
Таа ги повика младите да мислат на своите баби и дедовци.
Германската канцеларка им се обрати на младите како дел од населението кој е сè повеќе вклучен во ненадејниот пораст на бројот на новозаразени, особено во поголемите градски центри како Берлин.
На состанокот е одлучено автоматски да се воведат дополнителни мерки за борба против ширењето на вирусот доколку бројот на новозаболени во рок од една недела порасне над вредноста од 50 на 100.000 жители.
Мерките вклучуваат обврска да се носат маски на јавни површини со голем број луѓе и каде што не е можно да се одржи растојание од 1,5 метар. Понатаму, ќе се воведува и забрана за продажба на алкохол, ограничувања во работењето на угостителските објекти и ограничувања на бројот на луѓе на приватни и јавни собири.
