Ана Герман: Јанукович нема намера да си замине од Украина
Претседателот Виктор Јанукович нема намера да ја напушти земјата, ова денеска го изјави советничката на украинскиот претседател Ана Герман.
- Јанукович е во посета на Харков, тој ќе се сретне со своите приврзаници од регионот и ќе има телевизиско обраќање, рече Герман.
Лидерот на Украинската демократска алијанса за реформи, Виталиј Кличко денеска во украинскиот Парламент изјави дека Јанукович го напуштил главниот град.
- Треба да организираме предвремени претседателски избори. Нашата иницијатива е да се донесе одлука за одржување предвремени претседателски избори не подоцна од крајот на април, посочи Кличко.
Украинските медиуми јавија дека киевската резиденција на Јанукович во Киев, која се наоѓа на околу 15 километри од главниот град е празна и необезбедувана, а новинарите слободно влегуваат во неа.
Дел од светските медиуми, повикувајќи се на американски функционер јавија синоќа дека Јанукович го напуштил Киев и заминал во Харков на „одреден состанок“.
Стејт департментот коментираше дека „не е ништо необично Јанукович по донесување на важни политички одлуки да го посети истокот на земјата, каде има многу приврзаници“.
ИТАР-ТАСС меѓутоа подоцна ја пренесе изјавата на претставник на аеродромот во Харков, според кој претседателскиот авион не слетал таму.
Околу десет илјади лица се собраа на конгресот на пратениците од локалните совети во југоисточна Украина, јави ИТАР-ТАСС. Од изутринава харковската Спортска арена, каде се одржува конгресот е блокиран од полицијата, која не дозволува движење на автомобили во близина на објектот.
Учесниците на состанокот ќе дискутираат за случувањата во Украина и повеќето од нив го поддржуваат Јанукович.
Конгресот на локалната власт е свикан на иницијатива на советот на Луганската област за ослободување од длабоката криза.
Во меѓувреме украинскиот Парламент, Врховната рада, го обнови дејството на Уставот од 2004 година, без потпис од претседателот. „За“ повторно ставање во сила на Уставот од 2004 година гласаа мнозинството пратеници (325).
А пратеникот од опозициската партија „Татковина“, Александар Турчинов е избран за претседател на украинскиот Парламент.
Врховната Рада исто така го усвои декретот за исполнување на меѓународните заложби за ослободување на Јулија Тимошенко.
Според официјалните информации пред постигнувањето на спогодбата меѓу Јанукович и опозицијата во судирите меѓу демонстрантите и полицијата од 18 февруари досега, загинале 77 лица, од кои 16 полицајци, а повредени се над 600.
Слично
