Американско-рускиот спор за Крим се префрла и во фудбалот
Двајца руски пратеници побарале Соединетите Американски Држави да бидат исклучени од Светското првенство во фудбал во 2018 година. Александер Сидјакин и Михаил Маркелов му напишале писмо на првиот човек на ФИФА Сеп Блатер со барање САД да бидат суспендирани од членство во ФИФА и да изгубат право за учество на фудбалскиот мундијал.
Нивното барање доаѓа по иницијативата што ја поднесоа двајца американски конгресмени, кои бараат финалето на Светското првенство да не се одржува во Русија заради воената интервенција на Крим.
„Бараме вонреден состанок на ФИФА за суспензија на САД и исфрлање на нивната репрезентација од Светското првенство“, му пишале на Блатер двајцата руски пратеници од партијата на претседателот Владимир Путин - Обединета Русија.
Како аргумент за поткрепа на барањето тие навеле дека САД „ги кршат човековите права во светот“ и „вршат агресија врз суверени држави, како што беа Југославија, Ирак и Либија“.
„Не очекувам да добијам никаков одговор. Само сакав првиот човек на ФИФА да има две слични писма, што ќе ја разоткријат глупавоста на американските сенатори кои одбиваат да ги признаат сопствените грешки“, изјавил Сидјакин.
Слично
