Алжирскиот авион ја променил рутата – се урнал во Нигер?
Авионот на алжирската авиокомпанија Ер Алжир, кој утрово исчезна од радарите над Мали, најверојатно го променил курсот на летање и се урнал во соседниот Нигер.
Според првичните информации, во авионската несреќа нема преживеани меѓу 110-те патници и 6 членови на екипажот.
Воздухопловните власти информираа дека непосредно во близина на границата меѓу Мали и Алжир, пилотот побарал промена на курсот заради намалена видливост и близина на друг патнички авион.
Набрзо потоа, авионот кој летал од Буркина Фасо до Алжир исчезнал од радарите, а се претпоставува дека се урнал во близина на Ниамеј во Нигер, што е подалеку од неговата првична рута.
Во Мали во тек е племенска војна, но експертите ја исклучија можноста авионот да бил соборен, затоа што завојуваните страни не поседуваат такво оружје. Како можна причина за катастрофата се наведуваат и лоши временски услови и пустинска бура во овој дел на Африка.
Министерот за сообраќај на Франција Фредерик Кувије објавил дека најголемиот број од патниците во авионот биле француски државјани. Екипажот пак бил шпански, затоа што чартер авионот бил во сопственост на приватната шпанска компанија „Свифтер“, додека „Ер Алжир“ само раководел со летот.
Слично
