Активист со помош на балони ќе го испраќа филмот „Интервју“ во Северна Кореја
Активист од Јужна Кореја најави денес дека кон својот северен сосед ќе испрати балони со записи од филмот „Интервју“ со што би се разбил култот на личноста на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.
Филмот поради кој компанијата „Sony“ беше мета на хакерски напади, за кои САД го обвинија Пјонгјанг, на комичен начин го прикажува наводното планирање на атентат врз Ким Џонг Ун. Северна Кореја негираше дека има било каква поврзаност со хакерските напади и ветила дека ќе се освети доколку поради тоа биде санкционирана.
По одложувањето на премиерното прикажување поради хакерските напади, оваа комедија за време на првото прикажување во САД заработи милионски суми.
Активистот Парк Санг Хак изјавил дека кон крајот на јануари ќе почне со балони да испраќа 100.000 DVD и USB мемории на кои ќе биде зачуван спорниот филм.
Во овој потфат ќе му помогне и непрофитната Фондација за човекови права, со седиште во САД, која ќе го динансира размножувањето на филмот со корејски превод.
Претставниците на Фондацијата материјалот ќе го донесат во Јужна Кореја околу 20 јануари, кога, доколку ветрот биде поволен, ќе ја испратат првата серија балони.
„Апсолутното водство на Северна Кореја ќе се симне доколку се разбие идеализацијата на лидерот Ким“, истакнал Парк, кој избегал од Северна Кореја.
Во октомври Северна Кореја отвори оган врз големи балони со пропаганден материјал против власта во државата, кои беа испратени од активисти од Јужна Кореја. Тоа дури и предизвика размена на оган со јужнокорејската војска.
Сепак, и да стигне филмот во Северна Кореја, прашање е колку истиот ќе биде гледан, биејќи се верува дека само мал број луѓе на оваа комунистичка земја имаат компјутер или „DVD – player“, а голем дел од нив веројатно нема да ризикуваат да бидат фатени додека го гледаат офој забранет филм.
За да имате компјутер во Северна Кореја потребна е дозвола од властите и три просечни плати, велат аналитичарите од Јужна Кореја.
Слично
