Ако Унгарците гласаат „за“ квотите, Орбан ќе поднесе оставка!
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека ако денес Унгарците гласаат против миграциските квоти, најважна задача за него ќе биде да замине следната недела за Брисел за преговори и да се обиде врз основа на резултатот од референдумот, да направи така што задолжителните квоти за населување на кандидати за мигранти во ЕУ, да не важат за Унгарија. Тој ова го изјави пред новинарите откако го даде својот глас во референдумот организиран од неговата влада, на кој Унгарците се повикани дали да прифатат или да одбијат миграциски квоти, пренесоа американските медиуми.
„Горди сме што сме први, изјави денеска Орбан. „За жал, ние сме единствените во Европската унија, кои успеаја да одржат референдум за миграциското прашање. Би се радувал ако други земји не следат“, рече премиерот на Унгарија, цитиран од агенциите.
Орбан ги убедуваше сонародниците дека гласањето со „Не“ е во интерес на суверенитетот и независноста на земјата. Ако повеќето гласови се против квотите, унгарскиот парламент ќе усвои закон за поддршка на ова мислење, независно од тоа дали одѕивот е доволен за да биде резултатот валиден, рече унгарскиот лидер.
Тоа значи дека е потребно во референдумот да учествуваат над 50 проценти од гласачите.
Денес Орбан уште еднаш изјави во одговор на новинарско прашање дека ако надвладее гласањето „Да“, тој ќе поднесе оставка. Но ова негово ветување се гледа повеќе како тактички маневар за обезбедување на поголема излезност, за да бидат поттикнати противниците да гласаат, пренесе АП.
