„АКО СТЕ ВО ПОГОДЕНАТА ЗОНА, НЕ ГО НАПУШТАЈТЕ ВАШИОТ ДОМ ИЛИ РАБОТНОТО МЕСТО“ - овие пораки ги добија граѓаните во Шпанија каде се шири отровниот облак
Околу 160.000 луѓе во шпанскиот регион Каталонија беа предупредени да останат во затворен простор денеска откако пожар во индустриска зона предизвика токсичен облак од хлор да се прошири низ широка област, соопштија службите за итни случаи.
Инцидентот се случил во крајбрежниот град Виланова и ла Гелтр, на околу 42 километри од Барселона.
Пламените – веројатно предизвикани од литиумска батерија – ја зафатија зградата околу 2.30 часот наутро, соопшти регионалната противпожарна служба.
Шпанските власти испратија мобилна порака до населението барајќи да не ги напуштаат своите домови или работни места додека не се распрснат токсичните испарувања.
„Ако сте во погодената зона, не го напуштајте вашиот дом или работно место“, соопшти службата за цивилна заштита на социјалните медиуми.
Сè уште не е јасно колку долго ќе трае опасноста додека пожарникарите се борат со пламените јазици.
Фото: ЕПА
