Ако Путин не се согласи на мир во Украина, Трамп се закани дека ќе има сериозни последици
Американскиот претседател Доналд Трамп се закани со сериозни последици ако рускиот претседател Владимир Путин го блокира мирот во Украина, но исто така најави дека тие повторно би можеле да се сретнат по петочниот самит на Алјаска, овојпат и со украинскиот колега Володимир Зеленски. Трамп не појасни на какви последици мисли, но кажа дека Русија би можела да добие економски санкции ако претстојната средба биде неуспешна.
Тој се огласи по денешната виртуелна средба со Зеленски и европските лидери, кои се собраа во Берлин за да разговараат за Украина и претстојниот самит. Запрашан дали Русија ќе се соочи со некакви последици ако Путин не се согласи да ја запре војната, Трамп одговори:
„Да, ќе се соочи. Не сакам да кажам дали ќе бидат санкции или царини, но последиците ќе бидат многу сериозни“, рече Трамп.
Тој кажа дека средбата на Алјаска ќе послужи како „поставување маса“ за скорешна втора средба, која би го вклучила и Зеленски.
„Ако првиот состанок помине добро, брзо ќе следува втор. Сакам тој да се случи речиси веднаш. Ако ме сакаат, и јас ќе бидам таму“, рече Трамп.
Тој додаде дека имал многу добри разговори со Зеленски и европските лидери.
foto EPA/WILL OLIVER / POOL
