Ако нема реформи во ЕУ, нема ни проширување?
Ако Европската Унија (ЕУ) не се реформира, нема ни проширување. Jорг Кукиес, државен секретар во германската влада и врвен советник на германскиот канцелар Олаф Шолц вели дека проширувањето на ЕУ е можно само доколку овој процес биде проследен со реформа на Унијата, објави денеска европскиот портал „Еурактив“.
Рече дека успехот на реформата на ЕУ би се сведувала на „колку напорно преговараме“ и „колку јасно комуницираме дека ќе дозволиме проширување само доколку има институционални реформи“, пренесе „Танјуг“.
„Германија ќе се согласи за пристапување нови земји членки само доколку овој процес е придружен со реформи во ЕУ за да не се загрози способноста на ЕУ да дејствува“, рече Кукиес.
Пред неколку години и францускиот претседател Емануел Макрон рече дека пред да примат нови членки, треба да ја реновираат својата куќа, мислејќи на ЕУ. Холандија исто така имаше резерви кон проширувањето. Македонија е една од земјите која долго е во чекалната на ЕУ.
