Ако луѓето не постигнаа успех, тогаш „Redditometro“ ќе успее?!
Даночната полиција во Италија почна да користи нов систем наречен „Redditometro“, кој ќе ги споредува пријавените приходи со расходите. Овој систем треба да врати барем мал дел од околу 120 милијарди евра, колку што годишно не се уплаќа на име на данок.
Системот ќе ги анализира податоците од претходните четири години на примерок од 35.000 домаќинства, вклучувајќи ги хипотеките, автомобилите, па и купувањето на храна. Доколку забележи разлика поголема од 20 проценти меѓу приходите и расходите „Redditometro“ веднаш ќе ја алармира даночната инспекција.
Новиот систем вклучува десетина компјутери, кои ги анализираат базите на податоци и можат да ги откријат затајувачите на данок и „лажно сиромашните“.
„Redditometro“ е нова верзија на сличен систем, што беше претставен во 2010 година за време на владеењето на Силвио Берлускони, кој на почетокот на овој месец беше осуден за даночни измами.
Италијанската сива економија е меѓу најголемите во Европа, со највисоко ниво на трансакции, а затајувањето на данок и понатаму е голем проблем.
