Ако едни земји купуваат премногу дози вакцини, за другите ќе нема: СЗО предупреди дека тоа ќе ја продолжи пандемијата на Ковид-19
Светската
здравствена организација на мировниот Форум во Париз предупреди дека во
моментов голем дел од богатите земји однапред купуваат многу вакцини, и тоа во
количини кои се двојно поголеми од бројот на нивните жители. Ваквиот пристап
кон вакцината против корона вирусот, сметаат од СЗО, ја доведува во опасност
достапноста на вакцината во другите земји.
- Праведниот пристап за вакцината во целиот свет е во интерес на сите и н асекоја земја. „Натрупувањето“ на вакцини во некои земји би можело само да ја продолжи пандемијата. Национализмот поврзан со вакцинирањето ќе ја продолжи пандемијата, нема да ја скрати, изјави првиот човек на СЗО, Тедрос Аданом.
Тедрос посочи дека вирусот ќе продолжи да се шири, а економското опоравување глобално ќе забави ако луѓето во сиромашните земји нема да можат да бидат вакцинирани, истовремено нагласувајќи дека на иницијативата "ACT-A" при Светската здравствена организација која сака на сите да им се обезбеди пристап до тестовите, лекување и вакцина против коронавирусот, ѝ недостасуваат околу 28,5 милијарди долари, од кои итно се потребни 4,5 милијарди.
