АЈДЕ, НОВ БРАН ЗАТВОРАЊА ВО ЕВРОПА: Делта сојот ги враќа ограничувањата, списокот земји само се зголемува
Во Холандија, дискотеките и ноќните клубови се повторно затворени, а социјалниот живот повторно е ограничен во Каталонија. Претстојните финалиња на Европското првенство во фудбал пред десетици илјади навивачи во Лондон се исто така причина за загриженост.
Додека ноќните клубови во Франција се отворени за прв пат од март 2020 година, дискотеките и ноќните клубови во Холандија повторно се затворени во саботата, на рестораните им е дозволено да работат само до полноќ. Премиерот Марк Рут ги оправда сменетите правила, со брзиот раст на бројот на инфекции како резултат на варијантата Делта. Бројот на нови инфекции во Холандија се зголеми за седум пати во рок од седум дена.
Засилени се мерките и во Каталонија особено за оние кои сакаат да се забавуваат. Ноќните клубови сега се повторно затворени, секој што сака да присуствува на настани на отворено со повеќе од 500 учесници мора да биде целосно вакциниран или да направи негативен тест за корона вирусот.
Каталонија неодамна се разви во ново жариште во Шпанија. Но, бројот на случаи исто така нагло се зголемува низ целата земја. Како резултат на тоа цела Шпанија од недела повторно е област на ризик од корона за патниците од Германија.
Во меѓувреме, експертите со голема загриженост гледаат на Лондон, каде 65.000 љубители на фудбалот ќе се соберат на стадионот „Вембли“ за финалето на Европското првенство помеѓу Англија и Италија во недела навечер. Многу настани надвор од стадионот исто така предизвикаа главоболка - во земја каде што, и покрај масовното ширење на варијантата Делта, беа укинати скоро сите ограничувања.
