Ахтисари кој го „реши“ Косово, сега се интересира за Каталонија?
Финскиот преговарач Марти Ахтисари, кој го реши статусот на Косово, се заинтересира и за Каталонија, пишува српска Политика.
Toj во Нордискиот совет во Хелсинки изјавил дека Каталонците „направиле глупост“ кога еднострано прогласија независност, но и дека Шпанците реагирале премногу бурно.
Ахтисари го повика Мадрид да му дозволи на сменетиот каталонски лидер Карлес Пучдемон да се врати и да учествува на изборите.
„Потребно е посредување. Не знам дали можат да се вклучат ЕУ или ОН, но не треба да дозволиме ситуацијата да излезе од контрола“ - вели Ахтисари.
Ахтисари е поранешен претседател на Финска и медијатор на Обединетите нации. Тој во 2008 година ја доби Нобеловата награда за мир „за повеќедецениско ангажирање и посредување во воспоставувањето мир и решавањето конфликти на повеќе континенти“.
Официјален Мадрид во неколку наврати ги отфрли повиците на претставниците на Каталонија за медијација на Европската Унија или некоја друга земја, наведувајќи дека каталонската криза е внатрешен проблем на Шпанија.
Во меѓувреме, министерот за енергетика, животна средина и одржлив развој на Белгија Мари-Кристин Маргем ја отфрли можноста за азил на поранешниот претседател на Каталонија Карлес Пучдемон, затоа што нема закана за неговиот живот или причина да му обезбедува некаква закрила.
