Адидас очекува двојно помала добивка по раскинувањето на соработката со Кање Вест
Германската компанија за спортска облека и опрема „Адидас“ ја преполови својата прогноза за нето приходот за тековната година, по раскинувањето на договорот со раперот Кање Вест пред клучната празнична сезона, објави Ројтерс.
Адидас сега очекува нето добивка од континуираните операции од околу 250 милиони евра (251,53 милиони долари) за 2022 година, што е помалку од половина од целта за профит поставен минатиот месец за позитивен финансиски резултат од околу 500 милиони евра.
Компанијата сега очекува нејзиниот приход по постојан девизен курс да порасне за 2,5 отсто во 2022 година, наместо претходно прогнозираните 4 отсто. Yeezy, брендот на американскиот рапер, беше најпродаван модел на Адидас. Партнерството меѓу конфекцискиот гигант и американскиот рапер беше прекинато на 25 октомври откако тој даде низа антисемитски коментари.
Кање на крајот на октомври соопшти дека загубил 2 милијарди долари поради бојкотот од партнерите.
„Изгубив и сè уште сум жив, тоа е јазикот на љубовта. Парите не се тоа што сум јас. Луѓето се“, напиша Вест тогаш на својот Инстаграм профил. Тој ја упати својата порака до Ари Емануел, основач на агенцијата Endeavor. Емануел претходно ги повика компаниите поврзани со Вест - Адидас, Епл и Спотифај - да ја прекинат соработката со музичарот.
