800 ЗЕМЈОТРЕСИ ЗА НЕКОЛКУ ЧАСА, ИСЛАНД МОЖЕ ДА ЕКСПЛОДИРА: Вонредна состојба и итна евакуација
Исланд прогласи
вонредна состојба, а полицијата ги повика жителите да го евакуираат
крајбрежниот град Гриндавик по силниот земјотрес во југозападниот дел на
земјата поврзан со можна ерупција на вулканот Фаградалсфјал.
Од полноќ до 14 часот се регистрирани речиси 800 земјотреси, од кои најплиткиот на длабочина од 3 до 3,5 километри, соопшти Исландскиот метеоролошки институт.
Исландската агенција за цивилна заштита соопшти дека „формирачкиот тунел од магма може да стигне до Гриндавик“. Исландските власти додадоа дека е невозможно да се каже дали и каде магмата би можела да избие на површината.
„Земјотресите би можеле да станат посилни од оние што веќе се случиле, а овој редослед на настани може да доведе до вулканска ерупција. Сепак, сè уште нема знаци на приближување на магмата до површината. Нејзиниот напредок внимателно се следи“, соопшти агенцијата за цивилна заштита.
Надлежните ги повикаа жителите на мирна евакуација и нагласија дека нема непосредна опасност.
„Сакаме да повториме дека жителите мора да ги евакуираат своите домови и да го напуштат градот. Но, исто така сакаме да повториме дека има доволно време да се подготват и мирно да го напуштат градот“, најавија тие.
„Се занимаваме со настани кои досега не сме ги доживеале“
— The Macro Story (@themacrostory) November 11, 2023
Department of Civil Protection ordered a mandatory evacuation of Grindavik & Svartsengi power station.#earthquake #Iceland#IcelandEarthquakes pic.twitter.com/fvFa8xUPT2
„Јасно е дека се занимаваме со настани што ние Исланѓаните сè уште не сме ги доживеале, барем не од ерупцијата на Вестманејар. Со ова се соочивме заедно, ќе се соочиме заедно и нема да се откажеме“, додаде агенцијата за цивилна заштита. .
Американската амбасада во Исланд издаде предупредување за зголемени знаци на вулканска активност.
„Доколку се случи ерупција, следете ги инструкциите на исландските власти. Опасностите од вулканот може да вклучуваат лава, отровни гасови и густ чад од пожарите што че ги предизвика лавата“, се вели во извештајот.
Светски познатиот термален базен Сина лагуна во оваа област веќе е затворен поради тековната сеизмичка активност. Од 2021 година, ерупциите се случуваат еднаш годишно, а последната се случи во јули јужно од главниот град на Исланд, Рејкјавик.
Исланд се наоѓа на границата на тектонските плочи кои постојано се распаѓаат, туркајќи ги Северна Америка и Евроазија по линијата на средно-атлантскиот гребен. Во Исланд има дури 32 активни вулкани. Од крајот на октомври, повеќе од 20.000 земјотреси се регистрирани во југозападен Исланд.
