767 милиони луѓе живеат со помалку од 2 долари на ден
Кои се најважните податоци за светската економија? Ако се суди според бројот на коментари, тогаш американскиот извештај за платите се рангира меѓу првите, забележува списанието Економист. Други кандидати се цената на нафтата или курсот на доларот во однос на еврото, јенот и јуанот.
Сите овие бројки одразуваат и влијаат на темпото на економската активност со непосреден ефект врз доходовноста на обврзниците, цените на акциите и глобалниот просперитет.
Но ако овој просперитет е главен приоритет на економијата, тогаш можеби најважните податоци се оние прикажани неодамна од Светската банка. Имено за луѓето што живеат во екстремна сиромаштија.
Според извештајот, 767 милиони се оние кои треба да преживуваат со помалку од 1.90 долари на ден. Пресметките се базирани на куповна моќ и цени од 2011-та година. Проблемот со овој тип истражувања е дека собирањето на податоци е прилично тешко и има задоцнување, што практично го претвора резултатот во неособено актуелен во услови на актуелната економска ситуација во светот.
Неслучајно извештајот на Светската банка за сиромаштијата не предизвика никаква реакција на светските пазари. Сепак овие бројки имаат значење, пишува „Економист“. Бидејќи тие даваат најреална претстава за просперитетот меѓу луѓето кои имаат најголема потреба.
Најновите податоци носат измешани чувства. Тие се истовремено причина за ликување, жал, скептицизам и срам.
Факт е дека бројот на сиромашните во светот опадна драстично во последните 20 години со близу над 1 милијарда, односно од 1 на секои 3-ца, веќе сиромашен е 1 на секои 10. Дури глобалната криза од 2008-ма година не покажа влијание врз овој процес.
Можеби не особено изненадувачки најголемите падови се забележани во двете најнаселени држави. Во Индија од 2004-та до 2013-та сиромашните луѓе се за 218 милиони помалку. Во Кина за приближно ист период е регистриран пад од над 320 милиони. Интересно е да се напомене дека владите во овие години во двете земји често се определени како разочарување. Да можеше сите влади во светот да разочараат на овој начин, коментира „Економист“.
А сепак 767 милиони се исклучително многу луѓе, а 1.90 долари (околу 100 денари) воопшто не се многу пари. Тешко е да се замисли како човек може да преживува со толку малку.
Скептиците ги ставаат под сериозно сомневање и точноста на податоците, бидејќи голем дел од пресметките се направени на база прогнози и очекувања, а не на реални броеви, обезбедени од соодветните земји.
Излегува дека поставувањето на одредени прашања за секојдневните трошоци на човек, може да доведе до нереално добри резултати во однос на намалувањето на сиромаштијата. Грешка при пуштање на податоците во Уганда пак доведува до недостаток на покривање на трошоците за јавен превоз. Така се доаѓа до намалување за цели 70% на вкупните трошоци за транспорт во африканската земја.
Гледано од друг агол, податоците на Светската банка за сиромаштијата се сериозен повод за загриженост. Со оглед на постојаниот развој и усовршување на светската економија, проблемот со сиромаштијата се повеќе личи на своевиден анахронизам, отколку на трагична, но неизбежна реалност.
1.33 долари е просечната сума со која располага човек кој живее во екстремна сиромаштија. Односно потребни се само 57 центи, за да мине преку таа граница. Во теорија, ова се 159 милијарди долари годишно во вистинските раце и нема да има луѓе под прагот на сиромаштијата. Тоа е помалку од 0,2% од глобалниот БДП!
Треба да се има во предвид дека оваа сума може да се намали значително, бидејќи доларот е многу силна валута и неговиот директен „трансфер“ во сиромашните земји (каде цените се пониски во однос на оние во богатите) значително ќе ја зголеми куповната моќ на локалното население.
Така горенаведената сума паѓа речиси двојно до 78 милијарди долари годишно или 0,1% од глобалниот БДП.
Во реалноста, сепак ваква директна „инјекција“ не може да се случи без дополнителни трошоци, без природно зголемување на цените и т.н. Сепак теоретски експеримент дава идеја за големината на проблемот. Дава и јасен одговор - светот може да си дозволи да стави крај на сиромаштијата.
Тогаш доаѓа и поинтересно прашање: „Зошто не го прави тоа?“
