Економија, финансии, бизнис

Контакт

ОН: Во Македонија власта не е транспарентна и ги заплашува критичките медиуми

ОН: Во Македонија власта не е транспарентна и ги заплашува критичките медиуми

Специјалниот известувач за слобода на мислење и изразување на ОН, Франк Ла Ру, денеска на прес-конференција во Скопје изјави дека во Македонија постои атмосфера на заплашување против каква било форма на критички печат кој има конкретни прашања на истражување или критика против актуелните функционери во власта. „Македонија општо земено нема проблем со законите“, туку со нивното спроведување, изјави Франк Ла Ру.

Тој истакна четири случаи во кои препознал заплашување на новинарите кои се критички ориентирани. Затворањето на телевизијата А1 и трите весници во 2011 година, потоа весникот „Фокус“ и неспроведувањето истрага за смртта на неговиот сопственик Никола Младенов, како и случајот со тужба против новинари на „Фокус“ од директорот на ДБК Сашо Мијалков.

„ Ова прашање го покренав пред Врховниот суд, пред министерствата за внатрешни работи и за правда и пред државниот обвинител, сите ми го кажаа истото дека оваа несреќа не се истражува кривично затоа што се чини дека е сообраќајна несреќа. Се чини дека постои страв околу истражување на овој случај и страв да се открие“ - рече Ла Ру.

Тој не доби дозвола да го посети притворениот новинар Томислав Кежаровски.

„Бев одбиен од кривичниот суд, што мислам дека е погрешно толкување на законот, затоа што генерира чувство на неказнивост на државните постапки и чувство на тоа дека државата не е транспарентна и дека се обидува да одржи одреден степен на тајност и заговор“ објасни Ла Ру.

Според Ла Ру, има обид со законот за медиуми да се ограничи новинарството и смета дека треба да има и процес на консултација пред овој закон да отиде во Парламентот, бидејќи законот е од пресудна важност за заштитата на новинарите во иднина.

Тој додава дека новинарството треба да може да се практицира без чувство на заплашување и со апсолутна независност.

Слично

Поврзани вести