Економија, финансии, бизнис

Контакт

500 доброволци „да војуваат“ за Орбан на Фејсбук

500 доброволци „да војуваат“ за Орбан на Фејсбук

Само околу дваесет проценти од младите Унгарци гласаат за владејачката партија Фидес. Десниот популистички премиер Виктор Орбан сака да го промени тоа - преку социјалните мрежи и десничарските инфлуенсери.

Околу 500 Унгарци веќе аплицираа за четиридневни бесплатни курсеви на будимпештанската агенција Megafon.hu како „да војуваат“ за Орбан на социјалните мрежи. Интервјуа се веќе спроведени со 200 кандидати, а 90 од нив треба да добијат материјал за обука, се наведува во одговорот на истрагата ya ДВ.

„Во моментов, сè е замрено“, вели основачот на „Мегафон“, Иштван Ковач, во видео, пред празни столови во просториите на неговата агенција, „поради построгите мерки во борбата против пандемијата“. Ковач тврди дека „непрофитната организација“ е исклучиво „приватно финансирана“ и дека нема народни пари за проектот за едукација на „воините на социјалните мрежи“, кој е независен од партиите и политичките организации.

Сепак, Ковач е пример за младите на партијата Фидес и веќе е многу активен во кампањата за парламентарните избори, што ќе се одржат следната година. „За изборите ќе се одлучува на Фејсбук“, нагласува основачот на „Мегафон“, „и ние треба да бидеме подобри од тамошните Левичари“.

Ковач не само што припаѓа на владејачката партија, туку е и во раководството на „Центарот за основни права“ во Будимпешта, фондација која игра важна улога во комуникацијата на Фидес, изјави за ДВ, адвокатот и експерт за правни медиуми, Габор Полјак. Финансиран е од јавни пари и создаде отворено „милитантни кампањи“ во минатото, вели Поjак, основач на Центарот за истражување на медиумите „Мертек“.

И навистина, Иштван Ковач сака силни рекламни пароли, тој зборува за „цунамито на лево-либералното мислење“, кое мора да се запре. Тој се гледа себеси како дел од „светската конзервативна револуција“ à la Trump. Тој вели дека научил од Американците како да се користат социјалните медиуми.

Со помош на инфлуенсерите на Фидес, сега треба да допреме до Унгарците кои се информирани „преку паметни телефони додека чекаат на ред“, објаснува Ковач. Значи, ова се млади луѓе. Досега тие ја заобиколија унгарската владејачка партија.

Според институтот за анкетирање „Медијан“, само 22 проценти од гласачите на возраст под триесет години гласале за „Фидес“. Традиционалните гласачи на шефот на владата, Виктор Орбан, сè уште се „постари луѓе, кои живеат во мали села, како и мал број високо образовани луѓе“, објаснува Андрас Биро-Наги, директор на Институтот за политички решенија за политички Истражување во Будимпешта.

Во последните месеци Фидес изгуби половина милион гласачи. Причината за тоа е сексуалната афера во Брисел со Јозеф Шејер. Членот на Фидес во Европскиот парламент беше фатен од полицијата на нелегална забава на хомосексуалци.

Тој не само што ги прекршил прописите за короната, туку имал и дрога во ранецот. Семејниот човек се обидел да избега низ олуците. „Она што го стори нашиот колега Јозеф Шајер не е во согласност со вредностите на нашата политичка заедница“, кратко прокоментира премиерот Орбан. Шајер ја напушти партијата.

Аферата е во целосна спротивност со „конзервативната семејна политика“ на национално-конзервативната партија, „што гласачите на Фидес особено ја ценат“, нагласува Андрас Биро-Наги. За прв пат по убедливата победа на Орбан во 2010 година, опозициските партии, кои се обединети на изборите против шефот на унгарската влада, може да победат, покажуваат неодамнешните анкети.

Сепак, унгарската владејачка партија, со околу 500 весници, радиостаници и телевизии, обединети под покривот на една фондација, има голема медиумска моќ.

„Но, таа машинерија е централизирана“, смета експертот за медиуми, Габор Полјак. Владеењето „од горе“ не е адекватно за социјалните медиуми, ниту кога станува збор за младите. Полјак затоа смета дека агенцијата Мегафон.ху е „осудена на пропаст“. „Ништо не можете да направите за да создадете дигитален свет на Фидес“, вели тој. Агресивниот обид за освојување на теренот на Интернет „продолжува да го дели општеството“, смета тој.

Од почетокот на пандемијата, членовите на владата претпочитаат видео пораки на Фејсбук, наместо прес-конференции, каде се поставуваат прашања. Ниту еден неконтролиран актер не се вклопува во стилот на владеење на Будимпешта.

Откако Фејсбук и Твитер ги блокираа сметките на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, унгарската министерка за правда Јудит Варга се пожали дека американската компанија „тајно и од политички причини“ и го направила својот профил на Фејсбук помалку видлив за корисниците. 

Слично

Поврзани вести