370 лица загинале во руските напади во Сирија, 127 од нив биле цивили
Руските воздушни напади во Сирија убиле 370 луѓе од почетокот на нивното бомбардирање на 30 септември, при што околу една третина од загинатите се цивили, соопштија од Сирискиот центар за набљудување на човековите права, цитирани од „Франс прес“.
Од центарот прецизираат дека 243 „бунтовници“ (како што ги нарекуваат) биле убиени, а помеѓу нив има и 52 од „Исламска држава“, заедно со 127 цивили.
Меѓу загинатите цивили има 36 деца и 34 жени, открил директорот на центарот Рами Абдулрахман.
Москва ги започна воздушните напади во Сирија, во соработка со Владата на Башар ал Асад во Дамаск и тврди дека бомбардирањето е главно по позициите на „Исламска држава“ и други терористи.
Но сириските бунтовници и оние кои ги поддржуваат, ја обвинуваат Русија дека ракитетите биле насочени кон исламистичките бунтовници, во обид да го зајакнат режимот на Асад.
Воздушните напади погодија повеќе провинции во земјата, вклучувајќи ги и бастионите на „Исламска држава“ во провинцијата Рака.
Но, тие се фокусирале главно на неколку провинции, каде силите на сирискиот режим водат офанзива против низа од опозициските сили, кои не ја вклучуваат „Исламска држава“.
