24 часа ја делат Британија од распадот на двопартискиот систем
Само ден останува до парламентарните избори во Велика Британија. Партиските лидери прават последен обид да ги освојат гласачите пред отворањето на избирачките места во четвртокот, пренесе Би-Би-Си.
Премиерот Дејвид Камерон вети дека ториевците ќе продолжат да работат како досега за иднината на кралството, а лидерот на лабуристите Ед Милибанд вети да состави влада, која ги става вработените луѓе на прво место.
Либералдемократот Ник Клег, пак, ќе понуди стабилност и услови за подобар живот.
И покрај силните кампањи, анкетите покажуваат дека ниту една партија нема да добие доволно места за апсолутно мнозинство.
Според Нина Шик, аналитичар од невладината организација Open Europe, изборите се важни, бидејќи традиционалниот двопартиски систем овој пат ќе се промени. Според неа е загрозена апсолутната власт и на десничарската Конзервативна, и на централно-левичарската Лабуристичка партија.
"Во овие избори го гледаме подемот на многу други партии. Тоа значи дека, најверојатно, нема да има мнозинска влада, бидејќи се чини дека ниту една партија нема да може да јаформира. Од една страна гледаме екипа која ги зема гласовите од конзервативците, а лево Шкотската национална партија ги зема гласовите од лабуристите. И никој не знае кој ќе биде премиер - дали Дејвид Камерон или Ед Милибанд ", коментира аналитичарот.
