21-годишен скопјанец се борел за ИСИС
Уапсен е 21-годишен скопјанец со иницијали С.Р под сомнение дека во два наврати патувал во Сирија како припадник на ИСИС, соопшти денеска МВР.
„Според сознанијата пријавениот бил припадник на Исламската држава и првото заминување за Сирија го остварил во првата половина на 2013 година, додека второто илегално заминување за Сирија го остварил во октомври, минатата година. Пријавениот пред неколку недели илегално се вратил на територијата на Република Македонија по што од страна на Министерството за внатрешни работи беше лоциран и по налог на Јавен обвинител лишен од слобода“, велат од МВР.
По скопјанецот се трагаше од август годинава, кога против него во рамки на акцијата „Ќелија“ беше поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „учество во странска војска, полиција, паравоени и параполициски формации“.
