16 милиони бебиња се родени во зоните на конфликтот во 2015
Повеќе од 16 милиони бебиња се родени во зоните на конфликтот во 2015 година. Ова го прави 1 на секои 8 новороденчиња во целиот свет, соопшти „УНИЦЕФ“.
На секои 2 секунди едно новороденче ги презема првите голтки воздух во екот на конфликтот - понекогаш во ужасни околности и без пристап до медицинска нега, изјавил извршниот директор на организацијата Ентони Лејк. Премногу деца го почнуваат својот живот во екстремно тешки услови - од воени конфликти, во природни катастрофи и екстремна сиромаштија, до болести и неисхранетост.
Во поделените од конфликти земји како Сирија, Авганистан, Ирак, Јемен, Јужен Судан и Централно африканската Република - или за време на опасниот пат за да се спасат од борбите - новородените бебиња и нивните мајки се соочуваат со огромни ризици. Бремените жени се силно загрозени да родат без да имаат пристап до медицинска помош и санитарно-хигиенски услови.
За нивните деца е многу поверојатно дека ќе починат пред да го наполнат петтиот роденден - или ако преживеат, тие се соочуваат со екстремни нивоа на стрес, што може да им наштети на долгорочното емоционално чуство за когнитивен развој.
Покрај воените конфликти сиромаштијата, климатските промени и недостатокот на фер шанси исто така ги прават децата особено ранливи и ги принудуваат милиони од нив да тргнат на опасен пат, далеку од дома.
Повеќе од 200 000 деца побарале азил во земјите од Европската унија во првите 9 месеци од годината. Ова е во прилог на 30 милиони деца во светот, кои биле принудени да ги напуштат своите домови до 2014 година поради војните, насилството и прогонот. Денес бројот на раселените лица е најголемиот од Втората светска војна наваму.
Над 250 милиони деца - 1 на секое 9 деца во светот - живеат во земји и области на конфликт и често немаат пристап до здравството, образованието и социјална помош.
Над 500 милиони деца живеат во области каде што поплавите и природните катастрофи се исклучително честа појава, а околу 160 милиони деца живеат во зони со краен степен на суша, се дополнува во пораката на УНИЦЕФ.
