Шкотска – уште два дена за одлука!
Само два дена пред одржувањето на клучниот референдум за независност на Шкотска, лидерите на трите најголеми британски партии потпишаа ветување дека Шкотска ќе добие поголеми овластувања доколку на референдумот не избере отцепување од Велика Британија.
Ова ветување го потпишаа лидерите на конзервативците Дејвид Камерон, на лабуристите Ед Милибанд и на либерал-демократите Ник Клег. Камерон, кој е британски премиер, истакна дека поголеми овластувања за Шкотска отсекогаш биле во неговиот план.
Сепак, шкотските лидери кои се залагаат за независност, тврдат дека единствена гаранција земјата да добие поголема автономија е да изгласа отцепување на референдумот в четврток.
Гласачите во Шкотска на 18 септември ќе одлучуваат дали сакаат незаависна држава и напуштање на унијата со Англија, која има историја долга 307 години.
Во пресрет на овој ден, активностите на социјалните мрежи во Велика Британија се на рекордно ниво. Како што е случај и при секоја изборна кампања од појавата на Фејсбук и Твитер, активистите на таборите „за“ и „против“ шкотската независност се обидуваат да придобијат колку што е можно повеќе следбеници.
Но, овојпат, објавите поврзани со независноста на Шкотска далеку го надминуваат бројот на оние објавени за кој било друг политички настан во Велика Британија. Дури и јавни личности се приклучуваат на дебатата која се води на социјалните мрежи.
Двете движења „за“ и „против“ го користат и Јутјуб за да ги испратат своите пораки.
http://www.youtube.com/watch?v=bbWnBX6BY5A
http://www.youtube.com/watch?v=OLAewTVmkAU
Референдумското прашање на кое ќе се изјаснуваат граѓаните гласи: Дали Шкотска треба да биде независна држава? Клучен услов за право на глас е траен престој во Шкотска. Така, сите британски државјани, но и државјани на други земји-членки на ЕУ кои живеат во Шкотска имаат право на глас, додека оние кои се родени во Шкотска, но не живеат таму - не можат да гласаат.
На референдумот можат да се изјаснат сите со навршени 16 години, иако редовното гласачко право во Обединетото Кралство се стекнува на 18 години.
Нема минимален праг на излезност за референдумот да успее. Но, секако се очекува голема излезност - на претходната регистрација за гласање се пријавиле дури 97% од вкупно 4.4 милиони луѓе со право на глас, што е вистински рекорд.
Доколку исходот од референдумот биде позитивен, се предвидува Шкотска да прогласи независност на 24 март 2016 година, по 18 месеци преговори за да се договорат сите детали за раздружувањето.
Слично
