1,2 милиони автомобили на „Volkswagen“ во Велика Британија со манипулиран софтвер
Скандалот со штетните емисии на „Volkswagen“ се прошири и до Велика Британија. Во соопштението, цитирано од „Бизнис инсаидер“, германскиот производител на автомобили признава дека 1,2 милиони автомобили во Велика Британија се со софтверот, кој беше откриен од еколошките власти во САД, дека манипулира со податоците за штетните материи.
Сите засегнати автомобили се дизел модели „VW“, „Audi“, „Seat“, „Skoda“ и комбиња „VW“.
Во наредните денови се очекува „Volkswagen“ да објави како британските сопственици на автомобили да проверат дали автомобилите им се погодени од овој скандал и дали го имаат тој софтвер. Од компанијата додаваат дека автомобилите се „технички безбедни и одговараат за возење“.
Пред десетина дена Американската агенција за животна средина објави дека открила софтвер во дизел автомобили на „Volkswagen“, кој при тестовите ги крие реалните нивоа на испуштени штетни гасови, а при движење тие ги надминуваат меѓу 10 и 40 пати дозволените норми. Поради повредата германскиот производител е загрозен од невидена казна од 18 милијарди долари. Според проценките на компанијата, погодените автомобили на глобално ниво се 11 милиони парчиња.
Се очекува германската компанија во наредните денови да ги информира британските регулатори како планира да го реши проблемот со автомобилите со манипулативен софтвер.
Покрај официјално соопштение, акциите на компанијата денес се тргуваат со околу 2% зголемување на берзата во Франкфурт. Ова е првото зголемување на акциите на компанијата од 4 трговски сесии, откако скандалот доби публицитет.
