Меркел реизбрана за германски канцелар по четврти пат
Долниот дом на германскиот Парламент, Бундестагот денеска ја реизбра лидерката на Христијанско демократската унија (ЦДУ), Ангела Меркел за нов, четврти, мандат на функцијата канцелар на Германија.
За изборот на 63-годишната Меркел гласаа 364 пратеници, 315 беа против, а деветмина се воздржаа од гласање.
Претседателот на државата Франк-Валтер Штајнмајер и формално ја именуваше Меркел за сојузна канцеларка. Меркел само кусо одговори „Го прифаќам гласањето“, по што со аплауз беше поздравена од пратениците.
Владината коалиција на Меркел, во која покрај ЦДУ, влегуваат и нејзината сестринска партија, баварската Христијанско социјална унија (ЦСУ) и Социјалдемократската партија на Германија (СПД), има вкупно 399 места во 709-члениот Бундестаг.
Трите партии ја сочинуваа и досегашната „голема“ владина коалиција, но формирањето на новата Влада не одеше лесно, па Меркел е реизбрана на функцијата дури 171 ден по изборите, одржани на 25 септември минатата година.
Меркел на почетокот на својот четврти мандат се соочува со тешка задача: да ги убеди гласачите дека по 12 години владеење, таа сѐ уште може да понуди нешто ново. Веројатно свесна за овој предизвик, Меркел и самата најави обнова која ја започна од нејзината нова влада. Во неа место најде само една министерка од претходната влада, Урсула фон дер Лајен која и натаму ќе го предводи ресорот одбрана. Сите други министри се релативно нови лица, барем за светот.
