„Гудбај Америка“, Москва со најригорозни санкции до сега
Москва со најригорозен одговор на американските санкции – нема да увезува лекови и да користи американски софтвер. На удар не е само Вашингтон, туку и неговите сојузници, пишува Дојче веле.
„Гудбај Америка“ („Goodbye, America"), беше култ-хит на советската рок-група „Наутилиус Помпилиус“(„Nautilus Pompilius"), напишан во 1985. година. Една меланхолична химна на прозападната Перестројка-генерација, која го опева збогувањето од митот Америка: „Твоите износени фармерки ми станаа претесни“, се вели во текстот, како и: „Долго нѐ учеа да ги сакаме твоите забранети плодови.“
Законскиот предлог, кој вчера беше дискутиран на итната седница на Советот на државната Дума, Пратеничкиот дом на рускиот парламент, би можел исто така да се наслови - „Збогум Америко“.
Предлогот беше поднесен во петокот од страна на претседателот на Парламентот, Вјечеслав Володин и претседателите на сите четири пратенички групи, со демонстративно единство. Тоа е руски одговор на санкциите кои САД ги воведоа на 6. април против Москва, веројатно најригорозните по анексијата на Крим во 2014. година, а на чиј удар се врвни бизнисмени и функционери. Со нив Вашингтон очигледно погоди во нерв, зашто руските пазари на акции и девизи се ставени под притисок. Америка ги образложи најновите казнени мерки со руските глобални „злонамерни активности“, не само во Украина, туку и во Сирија.
