Економија, финансии, бизнис

Контакт

Зошто македонските винарии не учествуваа на последниот натпревар во Лондон?

Зошто македонските винарии не учествуваа на последниот натпревар во Лондон?
Интернационалниот натпревар за вино IWSC 2014 ( International Wine and Spirit Competition) во Лондон годинава помина без македонските вина. Поголемите винарии од Македонија одлучиле да не учествуваат на овој натпревар. Од здружението на винарии за Фактор велат дека кога се работи за вакви натрпевари, секоја винарија индивидуално одлучува дали ќе учествува. Дел од винариите за Фактор велат дека вообичано учествуваат на натпревари за кои проценуваат дека се важни за зголемување на продажбата на вината.
- Постојат многу оценувања на вина во Европа и во светот,  и не можеме на сите оценувања да пратиме мостри вино, од причина што тие оценувањата се плаќаат  и повлекуваат други трошоци. Вообичаено се учествува на дегустации кои се од интерес за продажба на вино на тие пазари, велат од винаријата Сковин, кои одлучиле да не учествуваат на овој натпревар. 
Од винарската визба Тиквеш, велат дека по направените анализи и стручни согледувања одлучиле да не учествуваат на натпреварот.
Винарската визба „Тиквеш“ традиционално учествува на Decanter и International Wine Challenge кои важат за водечки светски вински натпревари што исто така се одржуваат во Лондон и кои претставуваат референца за Британскиот пазар на вино, а истовремено имаат високо реноме во целиот свет. На овие два вински натпревари вината на ВВ „Тиквеш“ во континуитет добиваат високи награди и признанија. Нашите проценки и очекувања се дека и оваа година вината на ВВ „Тиквеш“ ќе имаат забележителен успех на споменатите два реномирани вински натпревари во Лондон, за што ние, како и досега, ќе ја информираме јавноста во Република Македонија, изјавија за Фактор од винарската визба Тиквеш
Од винарија Стоби кои исто така не учествувале на натпреварот во Лондон, за Фактор изјавија дека и во иднина нема да дел од овој натпревар. Лани македонските вина освоија рекорден број на награди Од здружението на винарии велат дека квалитетот на македонските вина на странските пазари е препознатлив, а нашите вина се добитници на многу награди доделувани на најпознатите натпревари за вино. Според податоците, минатата година македонските вина освоиле рекорден број на награди на најважните натпревари кои се одржуваат во Велика Британија, Франција, Италија.
- Во последните неколку години македонските вина постигнаа значителен успех на интернационалните пазари и натпревари. А најголемото признание беше освојувањето на Регионален златен трофеј за најдобро вино од земјите од Југоисточна Европа на најпрестижниот натпревар за вино во светот - Декантер, кој се одржува во Лондон. Влијателниот вински адвокат Роберт Паркер пак ги додели највисоките оценки за македонското вино кои далеку ги надминуваат вината од регионот и можат да се споредат со оценките на познати вина кои доѓаат од Франција и Италија. Сите овие награди го привлекоа вниманието на светската винска фела кон Македонија како винска земја која полека но сигурно се повеќе се истакнува на светската винска мапа како земја каде се произведува квалитетно вино. Резултатите секако можат да се забележат и преку извозот на вино во шишиња кој од година во година постојано се зголемува за сметка на намалвање на извозот на наливно вино. Тоа значи дека вложувањето во квалитет на производот во секоја смисла подоцна покажува позитивни резултати, вели за Фактор Елена Милошевска од Здружението на винарии.
Според податоците лани од Македонија беа извезени вкупно 88.500.000 литри вино и беше остварен вкупен девизен прилив од 55 милиони евра. Кои вина се наградија на интернационалниот натпревар во Лондон? На Интернационалниот натпревар IWSC 2014, во Лондон, кој се одржува по 45-ти пат, учествуваа винарии од  90 држави во светот. Од земјите од поранешните југословенски држави, српските и словенечките вина се закитија со бронзени медали, а дел од црногорските вина и со сребрени медали. На натпреварот, ниту хрватско и босанско вино не добило награда, а македонските винарии не учествувале. На натпреварот од вкупно 43 доделени медали Gold Outstanding медали или т.н големо злато припаднаа на 12 црвени вина, две на розе вина а останатите беа доделени на бели и пенливи вина . Ј.С
Слично

Поврзани вести