Знаете ли зошто се слави Стара Нова година?
Вечерва можете повторно да ја почувствувате новогодишната еуфорија.
Но, всушност дали знаете зошто ја славиме Стара Нова година?
Постојат два календари – Јулијанскиот и Грегоријанскиот. Источната Православна Црква се уште го користи јулијанскиот календар, според кој Новата година започнува на 14-ти јануари. Новата година на 1-ви Јануари се слави според Грегоријанскиот календар, кој е инаку и најприфатен во светот. На овој ден се дочекува Новата година, се празнува Обрезание Господово и Свети Василиј Велики. Кај земјите кои го користат Јулијанскиот календар, 1-ви јануари претставува државен празник, но верските празници Обрезание Господово и Свети Василиј Велики се празнуваат на 14-ти јануари. Од тука и поимот Стара Нова година која се дочекува вечерта на 13-ти јануари. И покрај тоа што 1-ви јануари е прифатен како почеток на Новата година во целиот светот, многу верници сметаат дека 1-ви јануари е само формалност, колку да се биде дел од глобалните трендови, а традицијата вели дека Новата година се дочекува на 14-ти јануари и за нив токму тогаш започнува првиот ден од годината.
Ваквата традиција сеуште се негува во Македонија, Србија, Русија, Црна Гора, Белорусија, Украина, Ерусалим, но интересно е тоа дека традицијата за обележување на Јулијанската Нова година, постои и во некои германски кантони во Швајцарија, како и во некои делови на Галската заедница во Шкотска.
