Зголемен интересот за средствата од ИПАРД
Со цел да се зголеми бројот на земјоделци кои ќе ги искористат средствата од ИПАРД програмата, Агенцијата за развој и поттик на земјоделието со поагресивна кампања ги информираше земјоделците и ги поттикнуваше да се пријават на огласот кој е објавен на 27 октомври. Тој е втор јавен повик годинава, а десетти и последен од ИПАРД програмата 2007- 2013. Промената на начинот на информирање, значеше таргетирана група земјоделци кои можат да ги исполнат критериумите, информативно средби со нив, но и одење од врата на врата од страна на Агенцијата заедно со Федерацијата на фармери.
На средбите кои ги имаа, земјоделците им ги пренесоа проблемите со кои се соочуваат.
Повикот трае до 10 декември и ги повикуваат сите оние кои се двоумат, да дојдат и со помош на советниците од Агенцијата да го поддадат барањето заедно со потребната документација. А помошта од советниците ја добиваат и оние земјоделци кои прв пат аплицираат, но и оние кои веќе ги користат средствата од оваа програма.
Од наредната година започнува ИПАРД 2 програмата која носи и поголеми средства за земјоделците, но и полесни критериуми. Финансирањето на ИПРАД програмата е 50-50, односно минималниот износ кој земјоделците можат да го платат е 50%, во зависност од критериумите, додека останатиот износ го покрива 75% Европската Унија, а 25% Владата на Македонија.
