Земјоделците ќе може да го купат земјиштето што го работат
Земјоделците ќе добијат нова можност за откуп на земјоделското земјиште кое подолго време го обработуваат. Според најавите на заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостанство Зоран Коњановски, набрзо предлог-законот ќе биде доставен до Владата.
„Тоа е тренд во земјите од Европската унија и ние со креирање нов закон сакаме таа можност да му ја дадеме на оној којшто сака да си го купи земјоделското земјиште“, најави Коњановски кој појасни дека одредено земјоделско земјиште кое е дадено под концесија на 20 или 30 години не ќе може да се продаде доколку нема позитивно мислење од корисникот.
Цената на земјоделското земјиште ќе се утврдува од стручни лица од Бирото за судски вештачења, а еднаш годишно Владата ќе усвојува програма за оние земјоделци кои ќе сакаат да го купат земјиштето.
„Земјоделството мора да се заснова на долги патеки, а земјоделците мора да го планираат своето производство. Придобивка е тоа што идните земјоделци ќе планираат долгорочно што ќе инвестиратат на својот земјоделски посед“, изјави Андреја Секуловски од Федерацијата на фармери на Македонија.
