ЗДЕЛКА ВРЕДНА 4,5 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ: „Verizon“ официјално се стекна со „Yahoo“
Американската телекомуникациска компанија Verizon се стекна со Yahoo во вторникот, пишува Financial Times.
Зделката е проценета на 4,5 милијарди долари.
Сопственоста на Yahoo, вклучувајќи го нејзиниот мејл сервис и порталите Yahoo Finance и Tumblr, ќе бидат вклучени во портфолиото на AOL - компанијата, која претходно исто така беше купена од Verizon. Обединетата компанија која ќе вклучува над 50 медиумски, технолошки и промотивни брендови, ќе биде наречена Oath и ќе биде предводена од Тим Армстронг, поранешниот извршен директор на AOL.
Се очекува во Oath да бидат отпуштени околу 2100 вработени, што е приближно 15% од вкупниот број вработени за Yahoo и AOL.
Мариса Мајер, која беше досегашниот извршен директор на Yahoo, како што се очекуваше, се повлекува од функцијата. Таа сепак ќе добие надомест во износ од 186 милиони долари.
Активите на Yahoo, кои не влегуваат во договорот со Verizon - главно акции во кинеската платформа за онлајн трговија Alibaba и делот Yahoo Japan - во петок ќе бидат преименувани во Altaba.
Стекнувањето беше спроведено, откако раководството на Yahoo се согласи да прифати од Verizon понуда со 350 милиони долари пониска цена во споредба од првично побараните 4,8 милијарди долари. Од Verizon одбија да платат повисока цена, откако профилите на стотици милиони корисници на Yahoo беа компромитирани поради сајбер напади.
