Затворени сточни пазари и пустош резултат од јазлеста кожа
Пустош и клуч на сточните пазари е сликата и последиците од ширењето на болеста јазлеста кожа во земјава.
„Сточниот фонд секојдневно се намалува, сточарите се пред банкрот, а државата не им ја исплаќа оштетата за убиениот добиток. Фамозните 250.000 вакцини, повеќе од три месеци доцнат во државата“, обвинува опозицијата, а како потврда за катастрофалната состоја, несериозниот и неодговорен однос на институциите го наведуваат сточниот пазар во Куманово.
Љупчо Николовски во изјавата за медиумите вели дека грешките коишто ги направија институциите ќе доведат до преполовување на добиточниот фонд и ќе ја срамнат млечната и месната индустрија во државата.
Тој побара одговорност од надлежните, а Директорот на агенцијата за храна и ветеринарство и министерот за земјоделие ги повика да си дадат оставки.
Имено, денеска Агенцијата за храна и ветеринарство информира дека денеска 250.000 дози од вакцината за спречување на болеста јазлеста кожа кај говедата пристигнаа во Македонија.
Во тек е дистрибуирањето на вакцината до надлежните ветеринарни друштва, ветеринарните амбуланти и матичните ветеринари.
Според веќе изготвениот акциски план за превентивна вакцинација Агенцијата за храна и ветеринарство ќе започне со превентивното вакцинирање на сите говеда на територијата на цела Македонија за спречување на ширење на болеста јазлеста кожа.
Оваа тропска болест првпат се појави во Македонија и воопшто во Европа и интензивно се шири. Болеста јазлеста кожа кај животните е вирусно заболување и не постои ризик по здравјето на луѓето. Месото и млекото не се опасни, а човекот може да ги употребува бидејќи болеста ги напаѓа само говедата.
