Започнува со работа Тренинг центарот на Македонска берза
На 18 октомври 2012 година ќе биде организирана првата обука во рамките на Тренинг центарот на Македонска берза со што ќе се означи и официјалниот почеток на работата на овој Тренинг центар, проект реализиран со поддршка од Европската банка за обнова и развој, а во соработка со консултанти од конзорциумот на Виенската берза „CAPMEX“.
Основната мисија на Тренинг центарот на Македонска берза е овозможување на континуирана и висококвалитетна едукација на сите пазарни учесници, имајќи предвид дека тоа е еден од најважните предуслови за понатамошен развој на македонскиот пазар на хартии од вредност.
Во рамките на наставната програма на Тренинг центарот иницијално ќе бидат опфатени 7 теми на обуки: Принципи на пазарите на капитал, Планирање на лични финансии, Инвестициско банкарство, Корпоративно финансирање, Објавување на информации и односи со инвеститори, Анализа на финансиски извештаи и Фјучерси и опции. Секоја од обуките содржи најмалку 4, а најмногу 8 модули, при што содржината на модулите е креирана на начин што нуди можност за нејзино прилагодување огласно профилот на посетители на обуките.
Предавачи ќе бидат истакнати домашни експерти од областа на финансиите и пазарот на хартии од вредност кои преку теретски и практични примери ќе им помогнат на посетителите на обуките полесно да ја разберат предметната проблематика и полесно да ги донесат своите деловни и инвестициски одлуки.
Слично
