Зајакнување на општинските совети: Нов почеток за локалната демократија
Повеќе од 70 новоизбрани претседатели на општинските совети учествуваат на форумот “Зајакнување на општинските совети: Нов почеток за локалната демократија” што се одржува денеска и утре во Струга. Организиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), со поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка, целта на овој форум е да поттикне дискусија за претседателите на советите за приоритетите и потребите уште од самиот почеток од нивниот мандат.
На локалните избори одржани во октомври 2017 г. во најголем дел од општините, избрани се нови градоначалници и нови општински совети со нови општински советници, и скоро за сите ова е прв пат да се најдат во оваа улога. Ваквите промени, според учесниците, наметнуваат предизвици, но и можности на локално ниво.
За разлика од градоначалникот кој што професионално ја врши својата функција, членовите на советите имаат своја основна професија, функцијата ја извршуваат дополнително. Но, тоа не значи дека одговорноста на членовите на советите пред граѓаните е помала. Напротив, најголемата одговорност пред граѓаните ја имаат токму членовите на советите, затоа што вашите два прста одлучуваат за донесувањето на буџетот но и за трошење на јавните пари, за деталните урбанистички планови, за цените на услугите, за работењето на јавните претпријатија во општината, на градинките и на училиштата”, рече Mинистерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.Проектот ‘Зајакнување на општинските совети’ ќе се спроведува од страна на УНДП во наредните четири
години со финансиска поддршка од 3.36 милиони долари обезбедени од страна на
Швајцарската агенција за развој и соработка. Ова е првиот проект во земјата со
специфичен фокус на општинските совети – кои се едни од столбовите на
демократијата на локално ниво.
“Традиционалното лице на локалната демократија е лицето на градоначалникот, а општинските совети обично имаат попасивна улога”, изјави Постојаниот преставник на УНДП Луиза Винтон. “Нашата цел е за членовите на советите да обезбедиме совети, алатки и обука за да станат посилни партнери, особено во преведувањето на приоритетите на граѓаните во специфични општински совети и во мониторирањето на начинот на кој што се трошат општинските средства за да се осигураат дека секој денар ќе се потроши умно, ефикасно и транспарентно.”
“Овој проект е од големо значење за Швајцарија како донатор и за УНДП како имплементатор на проектот”, изјави Швајцарската амбасадорка Сибил Сутер Техада. “Заеднички ќе работиме на зголемување на ефективноста и автономноста на општинските совети,за да може поуспешно да ги исполнуваат нивните уставно зададени улоги на законодавно тело, надзор и застапување.”
Новоизбраните претставници, беше истакнато на форумот, треба да ја разберат сопствената одговорност кон нивните избирачи и поради тоа треба да развиваат нови вештини кои ќе им помогнат во исполнување на својата улога. Фактот што се нови на оваа позиција, им дава шанса да донесат свеж дух во општинските совети и да осигураат дека ќе станат поефективни во претставувањето на граѓанските приоритети и исполнување на нивната улога на надзор.
Како мотивација за учество во проектни активности, проектот ќе обезбеди грантови за проекти за заедниците во износ од 50,000 УСД за 24 општини во наредните четири години.
На форумот во Струга исто така учествуваат и претставници од Министерството за локална самоуправа, Министерството за финансии, Заедницата на единиците за локална самоуправа (ЗЕЛС) и Здружениието на финансиски работници.
