Зајакната регионална координација за санкционирање на пазарните манипулации и инсајдерско тргување
Имајќи ги предвид заедничките цели за воспоставување на високо регулиран, фер, ефективен и транспарентен пазар на капитал кој ќе има за цел заштита и привлекување на домашни и странски инвеститори, регулаторите на пазарите на хартии од вредност од Македонија, Словенија, Србија, Хрватска, Црна Гора, Република Српска, Федерацијата на Босна и Херцеговина и Дистрикт Брчко, потпишаа Декларација за соработка. Денеска (12.10.2016 год.) во Љубљана својот потпис на документот го стави Претседателот на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија м-р Елизабета Чингаровска.

Регулаторите на средбата и преку потпишаниот документ се обврзаа да создадат основа за развој на заедничка методологија и пракса за нудење на инвестициски услуги и зајакнување на супервизијата преку подобрување на инвестициската атмосфера и привлекување на мали и средни компании на пазарот на капитал.
Заедничката соработка ќе доведе до координација при носење на регулативата и утврдувањето на исти стандарди за санкционирање на пазарните манипулации и инсајдерско тргување.
Согласно декларацијата, регулаторите ќе соработуваат при организирање на заедничка едукација и спроведување на лиценцирање на пазарните учесници кои би пружале услуги на пазарите во регионот.
Една од активностите која во изминатиот период беше реализирана е регионалната интеграција на берзите преку создавање на СЕЕ-Линк платформата за тргување на хартии од вредност од Македонија, Бугарија и Хрватска, а во наредниот период на оваа платформа ќе се приклучат и хартии од вредност од Љубљанската и Белградската Берза.Со оваа декларацијa се продолжува регионалната соработка меѓу регулаторните тела која започна пред 5 години.
