Економија, финансии, бизнис

Контакт

Вработените во Фени: Нема да дозволиме ликвидација на Фени

Вработените во Фени: Нема да дозволиме ликвидација на Фени

Вработените во Фени Индустри со писмо до Градоначалникот на Општина Кавадарци и до Советниците при Советот на Општина Кавадарци упатија барање да не се дозволи ликвидација на Фени.  

Тие во писмото го изразуваат својот револт и незадоволство што воопшто се размислува за опција што за нив ќе значи губење на работните места.

„Нашите интереси се многу јасни и едноставни – ликвидација на работните места нема да дозволиме, ниту ќе дозволиме да бидеме нечиј експеримент и некој да си поигрува со нашата судбина и судбината на нашите семејства“, се наведува во писмото.

Вработените го испраќаат ова писмо во пресрет на денешното рочиште на кое Собранието на Доверители треба да се произнесе по однос планот за реорганизација на ФЕНИ Индустри, поднесен од страна на ГСОЛ/Еуроникел.

„Исто така, за нас единствена опција е онаа која има знаење и искуство и може да понуди долгорочна иднина на Фени и на нас како вработени, а тоа секако не може да се случи ако зависиме единствено од локалната Ржановска руда, за која ние најдобро знаеме дека нема капацитет да овозможи ниту два месеци живот за Фени. Напротив, благодарни сме што има инвеститор кој овозможи Фени да работи во сите овие изминати месеци иако компанијата е во стечај, а исто така има ресурси со богата руда кои можат да овозможат иднина за нас и нашата фабрика“, потенцираат вработените во писмото.

Во писмото тие ги набројуваат придобивките што моментално ги добива општината со активно работење на фабриката, наспроти еднократниот данок што би го добила со ликвидирање на Фени.

„Очекуваме од Вас и од Советот на град Кавадарци дека секогаш и пред се во прв план ќе ги ставите интересите на нас како вработени во Фени и како граѓани на Кавадарци. Затоа инсистираме како Градоначалник и Советници да се залагате за најдобрите интереси на Фени како фабрика, на нас како вработени и најважно, на нас како граѓани на Кавадарци, а тоа е непречено функционирање на фабриката без застои, ликвидации и губење на работните места, туку домаќинско и долгорочно работење со истата“, децидно наведуваат во писмото вработените.

Слично

Поврзани вести