Волво бега од Русија!
Компанијата Волво Восток, која управува со фабриките Волво во Русија од 11 февруари го запира производството на камиони во фабриката „Волво груп трак“ во Калуга.
Компанијата исто така, за третина го намалува бројот на вработени.
Како што за агенцијата Интерфакс рекол раководителот на прес службата на претпријатието Олег Васиљченко, со отпуштањето на 30 одсто од вработените од вкупно 700 ќе биде погоден канцеларискиот персонал и работници на производните линии кои ќе добијат компензации во согласност со Законот за работа.
„Останатите работници остануваат на платениот список на фабриката. Една третина од нив во текот на привременото престанување со работа, ќе бидат ангажирани во тековините процеси на работа“, рекол Васиљченко.
Камиони на купувачите во Русија привремено ќе им испорачува европското претпријатие на Волво груп во Швајцарија, Белгија и Франција.
На намалување на бројот на работници и запирање на производството компанијата се одлучила поради лошата состојба на пазарот и понатамошниот пад на побарувачка на комерцијална техника.
Фабриката „Волво груп трак“ е отворена во јануари 2009 година. Нејзиниот капацитет е 15 000 возила годишно, а произведува камиони Волво и Рено.
