Во Кривогаштани ќе никне штркова населба!
Вистинска туристичка атракција ќе никне во општина Кривогаштани.
Според пишувањта на „Нова Македонија“ досега невиден објект ќе се гради таму.
Всушност станува збор за штркова населба, која ќе биде хортикултурно уредена како голем парк, велат надлежните.
- Населбата ќе биде покрај регионалниот пат Кривогаштани - Крушево. Планирано е да бидат изградени бандери со вештачки кошници за околу 1.000 легла за штрковите. Проектот би чинел околу 30 илјади евра, а треба да се реализира со пари од ИПА-програмата за прекугранична соработка. Наедно со него би се добиле и повеќе работни места - велат од општината.
Се очекува оваа нова населба да ги донесе туристите во оваа Општина и дека ќе ја збогати туристичката понуда на Кривогаштани.
- Населбата ќе биде вистинска атракција. Покрај неа, планираме да изградиме и други содржини, како етноресторан, паркови, сувенирници - додаваат надлежните, истакнувајќи дека за да се подготви сето ова, во план за подготовка е изработка на стратегија за развој на туризмот. Со реализацијата на овој проект се планира одржливоста на заедницата да се издигне на повисоко ниво.
