„Веро“ почнува хуманитарна донаторска акција за децата од СОС Детско село
Во пресрет на новата учебна година, „Веро“ почнува хуманитарна донаторска акција наменета за децата од СОС Детско селосо цел да им овозможи успешен почеток на школската година. Сите потрошувачи во Веро маркетите и Jumbo продавниците може да се вклучат во акцијата и да им помогнат на децата од оваа ранлива категорија, обезбедувајќи им услови за поквалитетно образование.
Со купување на посебно означените производи од училишната програма во Веро маркетите и Jumbo продавниците, потрошувачите донираат средства кои се насочуваат во фондот наменет за СОС Детско село. За секој купен ранец тие донираат по 30 денари, за училишен несесер 10 денари, додека за секој купен молив, пенкало, тетратка или боенка потрошувачите донираат по 1 денар. Сите собрани средства во оваа акција, која ќе трае до 15 октомври, ќе бидат наменети за образовните потреби на децата згрижени во СОС Детско село.
- Оваа учебна година почнува во специфични услови кои нѐ исправаат пред навистина голем предизвик. Но и во вакви специфични услови „Веро“ не ги заборава оние на кои нашата помош им е најпотребна, децата без родителска грижа. Образованието е најважната алка за развојот на децата и затоа сакаме на сите дечиња да им овозможиме еднакви услови за да добијат поквалитетно образование. И покрај тоа што кризата ги погоди сите бизнис сектори и има негативно влијание врз целокупната бизнис клима, Веро како општествено одговорна компанија одлучи да ја почне оваа хуманитарна акција и со помош на нашите потрошувачи да им покажеме на децата без родителска грижа дека не се оставени сами. Ова не е прва донаторска акција што ја организира „Веро“, а секако нема да биде ниту последна, бидејќи како компанија секогаш сме подготвени да им излеземе во пресрет на најзагрозените категории граѓани во земјава – вели Петар Денковски, генерален директор на „Веро“.
Од СОС Детско село ја поздравуваат хуманитарната акција на „Веро“ и истакнуваат дека таа има многу големо значење за децата згрижени во оваа организација.
