Успешната вештачка интелигенција едноставно ќе биде составен дел од секојдневието
Врвната технологија е интуитивна и за неа не е потребна постојана интервенција. Таа неприметливо се вклопува во инфраструктурата со сигурно испорачување резултати.
Пишува: ТМ Рох
Новите технологии следат позната патека. На почетокот тие се чудо - скапи, експериментални и придружени со голема помпезност. Како што возбудата со текот на времето стивнува, технологиите кои навистина го менуваат општеството се повлекуваат во позадина. Не затоа што стануваат помалку моќни, туку затоа што стануваат сигурни, достапни и широко применливи - тивко успешни и лесно занемарливи. Како што вели Законот на Амара, го преценуваме краткорочниот ефект на технологијата, а го потценуваме нејзиното долгорочно влијание.
Денес вештачката интелигенција е големиот новодојденец, исто толку гласно најавувана како што некогаш беа мобилниот телефон или интернетот. Да се уважи Законот на Амара, во овој случај значи да се развива вештачката интелигенција, а притоа никогаш да не се изгуби од вид она што ја прави скалабилна како практична, секојдневна иновација. Токму тоа го разликува обичниот изум од инфраструктурата.
Инфраструктурата е нешто на што луѓето се потпираат - да работи сигурно, универзално и без потреба од надворешна стручност. Клучното прашање не е свеста за вештачката интелигенција. Неодамнешните истражувања покажуваат дека веќе ја користат 86% од корисниците на мобилни уреди. Она што е важно е колку е вештачката интелигенција (AI) практична и корисна во реалниот живот. Дали доволно добро ги разбира контекстот и намерата на корисникот за да ја заслужи нивната доверба?
Јазикот беше рано поле за тестирање. Преводот не е корисен ако добро функционира за неколку стандардни глобални јазици, а потфрла во дијалектите, акцентите и реалните контексти. Токму тука недоразбирањата имаат вистински последици.
Подеднакво важна е и пристапноста. Функциите како што се преводите на видеа во реално време, описите на слики и поедноставените резимеа не се само пријатно дополнување. Тие се темел на разбирањето и дејствувањето и го испорачуваат она за што е создадена инфраструктурата: доследност.
Уште едно клучно мерило е довербата. Вештачката интелигенција е присутна во најличните сегменти на нашиот живот - во пораките, фотографиите, документите, финансиите, па дури и кога станува збор за здравјето. Луѓето со право прашуваат дали откажувањето од контролата е неопходно за да се искористат предностите на вештачката интелигенција. Ако се чини дека е така, примената се забавува. Не станува збор за страв од технологијата, туку рационален одговор на ризикот.
Вештачката интелигенција како инфраструктура со себе носи одговорност за оние кои ја развиваат. Инфраструктурата мора да биде осмислена така што сигурно ќе функционира во реални услови и ќе им служи на сите, вклучувајќи ги и најранливите корисници. Според тој стандард, инженерингот и дизајнот треба да им дадат предност на досегот, отвореноста и довербата.
Јасен показател за смислените иновации е колку луѓе ја користат технологијата секојдневно. За да стане стандардно искуство за мнозинството, вештачката интелигенција мора да допре до повеќе уреди и до повеќе луѓе со конзистентно високо ниво на квалитет.
За вештачката интелигенција да биде универзална, мора еднакво добро да функционира низ различни јазици, култури и контексти, обезбедувајќи го истото ниво на точност, течност и културни нијанси, без оглед на тоа кој ја користи и каде. Но, отвореноста ги надминува јазиците. За да можат повеќе луѓе да ја користат со леснотија, вештачката интелигенција мора да биде доволно интуитивна за да не бара учење од страна на корисникот. Луѓето не би требало да размислуваат за тоа како да управуваат со вештачката интелигенција за да имаат корист од неа. Затоа најдобрата вештачка интелигенција често останува во позадина. Колку е помалку видлива, искуството изгледа поуниверзално.
Вештачката интелигенција стекнува доверба преку обезбедување сигурни перформанси кои се конзистентно брзи и респонзивни и јасно покажуваат дека приватноста и безбедноста се вградени. Безбедната обработка на податоци и транспарентната контрола на информациите, втемелена на изборот на корисникот, не смеат да бидат опционални. Тие се неопходни за да може вештачката интелигенција да функционира како вистинска инфраструктура.
Вистинскиот предизвик за индустријата не е унапредувањето на писменоста за вештачката интелигенција, туку е дизајнирањето на “AI” која луѓето можат да ја користат без да го претворат тоа во посебен проект.
Идејата за вештачката интелигенција како инфраструктура мора да ја обликува и претстојната фаза на “агентска“ вештачка интелигенција, која ќе ги извршува задачите до крај, а не само да нуди одговори. Ако тоа се направи како што треба, поместувањето дополнително ќе ја намали фрикцијата со преземање на рутинските дејствија и организирање на она што е важно, без потреба од технички наредби или постојана интервенција.
Вистинската вредност на вештачката интелигенција нема да се мери преку бенчмарк тестови или споредби на моделите. Таа ќе се манифестира во секојдневните моменти, кога повеќе луѓе ќе можат да разберат, да учествуваат и да се движат низ светот со леснотија.
Г-дин Рох е Претседател и Главен Извршен Директор на компанијата “Samsung Electronics“.
