Економија, финансии, бизнис

Контакт

Универзален и траен мир може да се воспостави единствено ако е заснован врз социјалната правда

Универзален и траен мир може да се воспостави единствено ако е заснован врз социјалната правда

Појавата на „глобализацијата“, новите технологии,  засилената конкурентност, либерализацијата на пазарот и финансиските режими го сменија светот на работата и извршија голем притисок врз компаниите. За да ги намалат трошоците, големите корпорации го намалуваат скапиот фактор на „работната сила“ по пат на автоматизација или пак го пренесуваат производството во земјите со мала платеност на трудот, каде што општествените стандарди се многу пониски, а платата и условите за работа имаат тенденција на опаѓање.

Премногу често, последиците се експлоатација, принудна работа и повреда на правата на работниците.

7 октомври е прогласен како Светски ден за пристојна работа и неговото одбележување е широко прифатено во светски рамки, но и од страна на Сојузот на синдикатите на Македонија.

Идејата и концептот на пристојната работа се засноваат врз сфаќањето дека секое современо демократско општество треба да обезбедува вработување, социјален напредок и развој, достоинствен живот, еднаков третман и еднакви можности за сите за продуктивна работа и личен развој.

Во денешното опкружување  и работни услови, единствено едуцирајќи се за правата на работното место, преку осознавање на механизмите со кои најефикасно и најсоодветно можеме да ги оствариме, ја подигаме свеста за заштитата на нашето човечко достоинство, како основа на концептот на човековите права, а особено за правото на пристојна работа.

Но, кога законите за работни односи, платите, пензиите и безбедноста на работното место се под напад во многу земји, тогаш сите имаме заеднички непријател - Корпоративната алчност, која придонесува кон несигурна работа; ниски плати; некоректни работни односи; корупција.

Минатиот век ја одбележа борбата против тоталитарните системи на државната власт, но овој векнесомнено е одбележан со борбата за намалување на прекумерната корпоративната моќ,  алчноста за профит и борбата за право на пристојна работа.

„Сојузот на синдикатите на Македонијае исправен пред голем број предизвици во обезбедувањето пристојна работа, следејќи ги позитивните синдикални европски и светски искуства и поддржувајќи ги сите активности во интерес на афирмирање, унапредување и остварување на работничките права и интереси и обезбедување пристојна работа за сите“ –изјави Др. Живко Митревски, Претседател на ССМ.

Идејата и концептот за пристојна работа е воспоставена од Меѓународната организација на трудот и промовирана во 1999 година, на 87 Меѓународна конференција на трудот. Пристојната работа е клучен елемент за постигнување на фер глобализација и намалување на сиромаштијата.

Во Република Македонија е донесена Национална програма за пристојна работа 2010-2013 год. и Национална програма за пристојна работа 2015-2018 год., по претходни трипартитни консултации со Министерството за труд и социјална политика, синдикатите, работодавачите и МОТ.

„Оттаму доаѓа заклучокот дека општествената димензија на глобализацијата треба да стане Главна грижа на владите, институциите, синдикатите, работодавците во унапредувањето на правата на работниците,  давајќи й човечко лице на глобалната економија“ - додава Митревски.

Само со пристојна работа за сите бескрајната трка кон дното ќе престане.

Само заедно единствени и солидарни со синдикат можеме да ставиме крај на корпоративната алчност.

Слично

Поврзани вести