Училиштето НОВА ја продлабочи соработката со Италијанската амбасада
Меѓународното училиште НОВА вчера (19 октомври) потпиша меморандум за соработка со Италијанската амбасада и институтот „Данте Алигиери“ со кој во оваа образовна институција почна да се изучува италијанскиот на ниво на мајчин јазик. Статистиките покажуваат дека италијанскиот е четврт јазик по зборуваност и го говорат околу 70 милиони луѓе како примарен, а во НОВА од ова полугодие ќе се изучува на повисоко ниво.
- Уште од самото основање во НОВА се изучува италијанскиот поради што и голем број на наши ученици го имаат продолжено образованието на некои од најпрестижните универзитети во оваа земја. Но со меморандумот, соработката со „Данте Алигиери“ и со Италијанската амбасада ја продлабочуваме, а италијанскиот ќе се изучува во својата изворна форма – изјави Венера Новаковска, директорка на НОВА.
Мисијата на „Данте Алигиери“ е промоцијата на италијанскиот јазик и култура во Македонија и отворен е 1999 година. На присутните на потпишувањето им се обрати и претседателката на институтот Анастасија Ѓурчинова која воедно е и професорка на Филолошкиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
- Со НОВА соработуваме долги години наназад, но со меморандумот соработката ја продолжуваме на едно повисоко ниво. Нашите учители ќе го водат курсот кој е насочен кон италијанскиот јазик и култура, а почна од ова полугодие – истакна Ѓурчинова.
На потпишувањето на меморандумот присуствуваше и амбасадорот на Италија, Ернесто Масимино Белели кој посочи дека оваа свеченост е дел од Неделата на италијанскиот јазик која се одбележува во цел свет.
- Во Вашингтон гостуваат победниците на фестивалот „Сан Ремо“, а во Македонија се предвидени активности меѓу кои и оваа соработка со училиштето НОВА. Италијанскиот е јазик на музиката, модата, дизајнот и секако на Формула 1 – посочи господинот Ернесто Масимино Белели.
Италијанскиот има голем број на дијалекти сепак литературната форма е базирана на тосканскиот дијалект. Покрај луѓето на кои им е примарен повеќе од 100 милиони луѓе го говорат како втор јазик.
[embed width="700" height="450" ]https://youtu.be/Tiyx94MEQm8[/embed]

