Економија, финансии, бизнис

Контакт

ТВ-дебатите ја градат политичката и медиумската култура

ТВ-дебатите ја градат политичката и медиумската култура

Од многуте дебатни емисии што се емитуваат на телевизиите, се издвојува „Само вистина“, единствената програма на т.н. директно дебатно соочување, каде што „противниците“ се поставени во стоечка позиција и активно ги спротивставуваат ставовите цели 60 минути, за разлика од преостанатите кои се повеќе јавни дискусии, форуми, тркалезни маси и панели со по 4-5 учесници на одредени теми

Во западните земји ТВ-дебатите можат да го одредат и победникот на избори. Кај нас до пред неколку години воопшто ги немаше, а потоа одеднаш тргнаа повеќе со различни формати на повеќе телевизии. Експертите за медиуми го поздравија ова враќање на ТВ-соочувањето на политичките противници, пред сè, заради градење политичка и комуникациска култура и овозможување политички различни гледишта во јавноста.


- Дебатните емисии имаа важна улога во последните неколку години, особено во текот на политичката криза. Токму таа криза ја нагласи потребата од поширока јавна дебата за актуелните случувања. Во таа смисла, појавата на повеќе дебатни програми имаше позитивна улога и го подобри медиумскиот простор. Дебатите и контактните програми извршија своевидна дополнителна демократизација на јавната комуникација и создадоа корисна конкуренција меѓу медиумите во давањето глас на стручната и општата јавност – објаснува комуникологот и експерт за медиуми Сеад Џигал.

Паралелно со политичката криза и промените во електронските и печатените медиуми, се случуваше и забрзаната популаризација на новите медиуми - Интернет и социјалните мрежи.

- Иако користењето на онлајн-комуникацијата е во пораст, телевизијата остана доминантен информативен медиум. Информативните ТВ-програми и дебатите беа еден вид сидро околу кој се надоврзуваа и прошируваа јавните расправи не само во традиционалните туку и во онлајн-медиумите. Дискусиите и на социјалните мрежи беа често поттикнувани од теми и дискусии водени во ТВ-дебатите, а потоа и повратно се пренесуваа содржини од онлајн-сферата во традиционалните медиуми – вели нашиот соговорник.

Уште една од позитивните промени е трендот овие содржини да се објавуваат и на Интернет - на Фејсбук и особено на YouTube. На тој начин тие станаа лесно достапни на сите мобилни уреди и се доближија до помладите гледачи кои сè повеќе се префрлаат кон онлајн-платформите.


„Дебата“ во изворна смисла значи „борба“ и соочување на аргументи, па оттука од мноштвото дебатни емисии на телевизиите, мора да ја издвоиме „Само вистина“ на Канал 5. Осмислена е како ТВ-дуел во кој „противниците“ се поставени во стоечка позиција и активно ги спротивставуваат ставовите цели 60 минути, за разлика од преостанатите кои се повеќе јавни дискусии, форуми, тркалезни маси и панели со по 4-5 учесници на одредени теми. На домашните телевизии тоа е единствената програма на т.н. директно дебатно соочување, каде што практично се применува дебатерство како вештина и се градат политичка и комуникациска култура.

„Само вистина“ се издвојува и по комбинирањето на новите медиуми со телевизијата. Емисијата се стримува во живо на Фејсбук, каде што гледачите имаат можност во реално време да го дадат своето мислење во коментар, а сите дебати потоа се достапни за гледање на YouTube. Освен тоа, на Фејсбук секојдневно се спроведуваат анкети на различни жешки теми и се објавуваат кратки видеа со најинтересните моменти од дебатите. Сите коментари од гледачите што немаат навредлива содржина се емитуваат на ТВ, гостите ги коментираат, а неретко и директно им одговараат.

Слично

Поврзани вести