Tутунoт од ланската реколта целосно откупен
Министерот Михаил Цветков денес соопшти дека е откупен вкупниот род на тутун од минатогодишната реколта.
Се работи за тутун тежок 25 000 тони и истиот е откупен по просечна цена од 120/кг во предвидениот законски рок кој беше до 15 март.
Цветков потенцираше дека и покрај привичниот страв дека нема да биде откупен целиот род сепак тоа било без основа.
За да може полесно да се процесира исплатата на субвенции од откупувачите ќе се бараат списоци за преземениот род.
Пред речиси два месеци со просечна цена од 120 денари по килограм девет компании на 129 откупни места во државава од почетокот на откупот на тутунот од ланската реколта од предвидените на 24 илјади тони тутун откупија девет илјади тони.
Да се потсетиме дека на 30 декември дел од тутунарите од прилепско и струмичко незадоволни од откупот протестираа, не отстапуваа од барањето за зголемување на субвенцијата од 60 денари за килограм тутун. Тие тогаш велеа дека субвенцијата мора да се зголеми за да се амортизираат последиците од лошиот квалитетет на тутунот.
-Тутунарите се свесни дека влагата годинава го уништи квалитетот на тутунот,и затоа за да се надомести штетата бараме субвенцијата од 60 денари да се зголеми на 90 денари за килограм. Ако се имаше добра стратегија може и немаше да дојде до оваа ситуација, откупот можеше да почне и порано на пример како што е според законот од 15-ти ноември заклучно со 25-декември. Така навреме ќе беше откупен и немаше да има толку влага како сега. На откупните пунктови, откупувачите манипулираат со класите, прва класа нема, и да е за прва го класифицира како втора или трета класа. Тутунот со повеќе влага се откупува по 15 до 16 денари за килограм. Сегашната просечна цена од 121 денар за килограм е нешто помеѓу трета и четврта класа, со таа цена неможе ниту трошоците да се покријат а да не зборам за приход. Затоа побаравме средба со министерот , да му кажаме како стојат работите на терен. Мислам дека кога временските услови се лоши како што беше годинава поради што потфрли квалитетот на тутунот, Влдата треба да им излезе во пресрет на тутунарите и да ја зголеми субвенцијата. И сметам ако веќе се држат до квалитетот како репер, тогаш треба и субвенциите да ги делат според квалитет, а не сите и оние што имаат квалитетен и тие со неквалитетен тутун да земаат иста субвенција, рече тогаш Ристо Велков, претседател на Регионалниот синдикат на земјоделци.
Но, истиот тој ден успеаја да најдат заеднички јазик и да се договорат со министерот Цветков, за кој дециден, неприфатливо беше барањето на тутунарите за зголемување на субвенциите по килограм тутун од 60 на 90 денари.
Сепак на средбата министерот прифатил две од трите барања на тутунарите и им ветил дека ќе наложи да се зајакнат инспекциските контроли со што ќе може да се врши реална проценка на тутунот, а на средбата бил договорен и целосен откуп на тутунот заедно со вишоците.
