Тутунарите не се држеа до ограничувањата – произведоа вишок тутун!
Ќе остане ли неоткупен дел од тутунот произведен годинава на македонските ниви? Тутунарите не се придржувале до квотите - наместо договорените 25 илјади тони тутун за откуп, од годинешнава реколта се очекуваат меѓу 28 и 30 илјади тони тутун, вели министерот за земјоделство Михаил Цветков.
Тој денеска од тутунските комбинати добил уверување дека ќе бидат откупени договорените количини, но вишокот ќе зависи од волјата на откупувачите.
„Рекоа дека во моментот се подготвени да го откупат договореното, а како ќе биде состојбата ќе видиме“, вели Цветков. Затоа што бербата е уште во тек, најпрвин ќе треба да се види дали навистина производството ќе го натфрли планираното со оглед на временските услови.
Владата на синоќешната седница донесе измени на Законот за тутун кои предвидуваат од идната година да се воведе електронско евидентирање на површините и откупените количини.
Годинава производството на тутун требаше да се намали за 17% во однос на лани заради препораките на Светската здравствена организација и намалената побарувачка на светскиот пазар, особено за ориенталната сорта која најмногу се одгледува во Македонија.
Слично
