ТОШЕ Е НАЈВИСОКИОТ МАКЕДОНЕЦ: Има 21 година а допрва ќе расте!
Со висина од два метри и 16 цм, 21-годишниот Тоше Јовчевски од Скопје, е највисок Македонец, а според прогнозите на лекарите, ова момче до 25 години ќе порасне уште неколку цм.
Врба, како што го нарекуваат пријателите и познанинците, е скромен и дружељубив, кој во текот на растењето се борел со разни проблеми. Со текот на годините тешко пронаоѓал гардероба која ќе му одговара и обувки, но денес тој проблем донекаде го решил.Иако изборот не е голем, маички и дуксерки може да најде и во Скопје, а со една текстилна фабрика се договорил по мерка да му шијат кошули и фармерки, додека патики наоѓа во Грција.
„Носам број 52 на чевли. Имам само еден пар. Едвај ги најдов за матура, а сега ги облекувам само за свдби и погреби“, раскажува Јовчевски за медиумите.
Кога се родил имал просечна тежина и висина и никој не помислувал дека ќе порасне во вистински џин. Нагло почнал да расте во петто одделение во основно училиште, а на крајот на осмо одделение бил висок метар и 89 цм.

„Веќе во прва година од средно почнав со висина од 2 метри. Тоа беше пред четири години, а јас во меѓувреме пораснав уште 16 см“, раскажува Тоше кој е омилен во друштвото.
Активно се занимава со кошарка, но и волонтирање во Црвен крст, каде е член на тимот за спасување на планините на Црвен крст во Скопје.
Во населбата во која живее сите го познаваат, па соседите и гости во локалните кафичи повеќе и не го набљудуваат чудно. Меѓутоа, тврди, сосема друга е приказната кога ќе отиде во друг дел од градот или некој друг локал.
„Сите сакаат „селфи“ со мене, ме прашуваат колку сум висок, како пораснав толку, дали и родителите ми се високи. Во почетокот тоа ме нервираше, но сега ми е симпатично“; вели Тоше.
Овој студент трета година на спортски туризам, се занимава и со нуркање. Проблемот со нуркачкото одело го решил, но не може да најде обувки за нуркање, па засега нурка во патики.
Тоше би сакал да вози велосипед, но така голем за неговите долги нозе нема, па најчесто оди пеш. Кога вози автомобил, предното седиште или го вади или го турка скроз до крај а проблем му е и возењето во гратските двокатни автобуси, кои се прениски за него.
Сепак, како што признава, најголем проблем му се девојките. Засега е „соло“, но не губи надеж дека наскоро ќе ја пронајде токму, онаа по своја мерка.
